|
|  |
МАКЕДОНИЈА КРСТОСНИЦА НА БАЛКАНОТ
Древни патишта
Поволната географска положба на нашата земја како и поволните природно--географски карактеристики отсекогаш го привлекувале вниманието на разни народи и цивилизации. Низ вековите тие зад себе оставиле многубројни траги, за што говори богатото културно-историско минато на Македонија. Поради својата поволна геостратешка позиција, токму на овие простори низ историјата се граделе патишта за кои и денес постојат видливи траги. Тоа говори дека уште тогаш Македонија претставувала многу важен сообрaќаен јазол кој ги поврзувал деловите на Средна Европа со Балканскиот Полуостров, и понатаму со Блиски и Среден Исток.
Еден од главните патни правци што датира од римскиот период, а минувал низ Македонија е патот “VIA EGNATIA”, кој го поврзувал Рим со Цариград. Овој патен правец претставувал продолжение на патот “VIA APIA”, кој започнувал од Рим и водел до местото Егнација помеѓу Бари и Бриндизи. Оттаму, движејќи се по море се протегал до Драч во Албанија, а потоа продолжува како “VIA EGNATIA” кон Елбасан (Елбанополин), Струга (Стронга), Охрид (Лихнидос), Битола (Хераклеа), Воден (Едеса) и преку реката Вардар (Аксиос) завршувал во Солун. Оттука тој се надоврзувал на т.н. Цариградски пат, или познат како “VIA MILITARIS”, кој преку градовите Белград, Ниш и Софија ги поврзувал европските градови со оваа престолнина. Според записите на Ел Идриси (1110-1166) вкупната должина на овој патен правец изнесувала 830 км, или 535 римски милји.
На територијата на Македонија покрај овој постоеле и други патишта кои меѓусебно ги поврзувале градовите и излегувале на главниот пат. Така во византискиот период важна крстосница која е прикажана и на Појтингеровата карта претставувал, градот Прилеп. Инаку оваа траса започнувала од Битола и преку Прилеп и Плетвар се поврзувала со Градско, односно со Стоби. Според Ел Идриси, во истиот период важен сообраќаен јазол бил и градот Скопје, каде се поврзувале патиштата од Косово, Повардарието и Источна Македонија.
Во записите на византискиот цар Константин Порфирогенет (905-959), по долината на реката Вардар се протегал познатиот Солунски Пат. Патот Врање--Скопје-Солун е впишан и на Појтингеровата табла како и на сите карти и документи кои се однесувале на овој дел од Балканот. Инаку Солунскиот пат се смета за важен комуникациски правец во византиско време.
Во Македонија покрај овие постоеле и други патни правци, како на пример Татарскиот пат кој почнувал од Врање и водел се до Егејскиот дел на Македонија, потоа Прокопанскиот пат кој го поврзувал Врање со Овчеполието. Во Појтингеровата табла, како и во записите на Ел Идриси, како голем крстопат се споменува и градот Штип. По долината на реката Струма водел пат кој преку Радовиш, Струмица и Сер, завршувал во Кавала каде и се надоврзувал на патот “VIA EGNATIA”. Друг пат кој го поврзувал Штип со Градско (Стоби) и со Неготино, водел по долината на реката Брегалница и понатаму се поврзувал со античкиот Солунски пат, а преку Делчево и по долината на реката Струма се надоврзувал на Цариградскиот пат.
За време на Отоманската империја најексплоатиран бил Солунскиот пат, потоа Серскиот пат кој водел преку Катланово, Штип и Струмица до градот Сер, како и Нишкиот пат кој преку Куманово водел до Србија. Значајни патни правци во тоа време биле и Североалбанскиот пат кој се движел во насока на реката Дрим кон Призрен и завршувал во Скадар, потоа Битолскиот пат кој преку Тетово, Гостивар и Битола водел до Дебар, Прилепскиот пат кој преку Мокра планина, Маркова Река и Сопиште водел до Скопје. До Скопје водел и Поречкиот пат чија траса се движела покрај селото Пуста Брезница, Долно Соње и Сопиште, а завршувала во Скопје.
Во најголем број древните и подоцнежните патишта претставуваат основа за изградбата на денешните патни правци.
|
 |
| ИНФО |
 |
Фонд за магистрални и регионални патишта на Република Македонија
Адреса: Даме Груев бр.14, 1000 Скопје, Република Македонија
е-маил: contact@roads.org.mk
тел: 02 3118-044, факс: 02 3220-535 |
 |
|
 |
 |
 |
|
| ЛИНКОВИ |
 |
|
 |
|
|